Војна меѓу Русија и Украина нема да се случи никогаш, изјави спикерката на Советот на Федерацијата (горниот дом на рускиот парламент) Валентина Матвиенко во емисијата „Недела навечер со Владимир Соловјов“, на првата програма на руската телевизија, пренесува „Макфакс“.
Матвиенко, покрај тоа, истакна дека Русија нема планови да го врати на власт во Украина отстранетиот претседател Виктор Јанукович, туку за тоа прашање треба да реши украинскиот народ.
„Украинскиот народ треба да реши кој ќе биде шеф на државата, но на чесни, транспарентни и легитимни избори“, изјави претседателката на Советот на Федерацијата, тело кое му дозволи во саботата на рускиот претседател Владимир Путин да употреби војска за обезбедување на руските интереси и руските државјани во автономната украинска република Крим која прогласи непослушност кон новите власти во Крим, што предизвика голема политичка криза на меѓународната политичка сцена.
Матвиенко, исто така, рече дека Русија не може да зборува за доделувањето на другите транши од заемот за Украина, сѐ додека во Киев нема легитимна власт.
„Сѐ додека во Украина нема власт, којашто ќе биде призната како легитимна, не можеме да зборуваме за милијардите од кредитот во рамките на договорите што се потпишани“, рече Матвиенко.
Во декември тогашната украинска влада на Јанукович во Москва потпиша договор со кој од Русија доби заем од 15 милијарди долари од кои првата транша од милијарди долари беше уплатена веднаш, а цената на рускиот гас за украинските потрошувачи беше намалена за третина. Втората транша од две милијарди долари којашто требаше да биде уплатена во последната седмица од февруари Москва ја запре, бидејќи во Киев започнаа крвавите безредија. Покрај тоа, Украина нема платено за рускиот гас доставен и по намалена цена, и тој долг веќе достигна неколку милијарди долари.
Крим прогласи формирање своја воена морнарица
Премиерот на јужната украинска Автономна република Крим, Сергеј Аксенов објави дека се формирани военопоморски сили на Крим, за чиј командант го назначил досегашниот командант на Воената морнарица на Украина контраадмиралот Денис Берeзовскиј, кој претходно положи заклетва за верноста на народот на Крим.
„Републиката ќе има своја морнарица, којашто ќе ја предводи адмиралот Березовскиј. Сиот воен персонал кој положи заклетва на верноста на кримскиот народ, ги задржува своите плати и додатоци, здравствени и социјални бенефиции, воени чинови и позиции. Секој кој не е согласен, може да замине. Ветувам дека никој нема да ги гони”, изјавил Аскенов, кого новите власти во Киев не го признаваат, на прес-конференцијата во Севастопол, каде што е седиштето на командата на руската Црноморска флота.
Контраадмиралот Денис Валентинович Березовскиј, претходно во саботата беше именуван за командант на военопоморските сили на Украина, со указ од саботата (1-ви март) на вршителот на должноста претседател на Украина, Олександр Турчинов. Како што пренесе украинската агенција УНИАН, на интернет страницата на Турчинов како украински претседател вечерта во неделата се појавила информација дека Березовскиј бил сменет од должноста уште во неделата (2-ри март) претпладнето и против него е покренато кривично дело за предавство. На негово место за командант на воената морнарица на Украина е именуван контраадмиралот Сереј Гајдук.
Кримскиот премиер Асенков објави и дека издал указ според кој за целиот воен персонал во Военопоморските сили на Украина којшто се на служба во градот Севастопол „се смета дека не подлежат на никакви одлуки, наредби и прекоманди од страна на самопрогласените органи и функционер на Украина, вклучително и на незаконски назначениот министер за одбрана”, пренесе РИА Новоасти.
Аксенов, исто така ,изјави дека овој ден ќе се смета за „денот на раѓањето на военопоморските сили на автономната република Крим”.
OhridNews
извор:„Макфакс“
Путин: Мерките што ги презема Русија во однос на Украина се целосно соодветни