Во петок на 22-ри мај 2015 година на градскиот плоштад во организација на општина Охрид и средните училишта, со почеток во 12 часот, по десетти пат ќе се одржи Матурската парада. Матурантите под звуците на штраусовиот квадрил ќе играат заедно со своите врсници од други градови учесници од Европа.
Танцот Квадрил потекнува од Франција, каде се појавува во втората половина на 18 век, а во почетокот на 19 век дури и се предавал во некои училишта со што станал широко распространет и негови модификации се среќаваат многу често и во многу други држави. Тоа е танц во кој учествуваат две двојки односно два пара кои своите движења ги изведуваат во просторот во форма на квадрат. За парадата овај танц ќе се игра на музика од штраусовата опера „Лилјакот“.
Минатата година во Охрид, Квадрилот го играа околу 450 матуранти од трите средни училишта, ОСУ „ Св. Климент Охридски“, ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ и ОУТУ „Ванчо Питошески“.
OhridNews