Во среда, 22 мај, во 12 часот, на градскиот плоштад „Св. Климент Охридски“ матурантите од охридските средни училишта ќе го одиграат танцот Квадрил од Штраусовата опера „Лилјакот”. И годинава за подготовките на матурантите задолжена е професорката Катерина И. Стојаноска.
Подготовките се на самиот крај. Сите матуранти од четирите средни училишта од Охрид се веќе обучени, сега остануваат уште заедничките проби со цел подобра координација на движењата. Оваа година се нешто повеќе од 300 матуранти. Навистина е привилегија да се работи со матурантите од оваа генерација, вели Стојаноска.
Минатата година во Охрид, Квадрилот го играа околу 400 матуранти од трите училишта СОСУ „Свети Кирил и Методиј“, ОСУ „Свети Климент Охридски“ и ОЕМУЦ „Свети Наум Охридски“.
Матурската парада е покрената во 2001 година во Словенија, а нејзин идеен творец е Томаж Амброж од танцовата школа “Уршка” во Љубљана. Танцот Квадрил матурантите го играат во четири слики: панталон, ете, пасторел и финале.
Н.С.Ј.