Учениците од средното угостителско-туристичко училиште „Ванчо Питошески“ деновиве го полагаа завршниот практичен дел од матурата. Пред комисијата и предметните професори во кабинетот за готварство, готвачите ги покажаа своите вештини во кујната за подготвување на специјалитети за предјадење, главно јадење и десерти, додека пак во кабинетот за послужување келнерите кувертираа маси за банкет, фламбираа, презентираа вештини од барменството приготвувајќи коктели и беа задолжени за нивно послужување.

-За матурантите последниот дел од завршниот испит не беше тежок. Со задоволство им покажаа на присутните што научиле бидејќи трудот и нивното дело се гледаат. Самите ученици уживаа во дегустацијата. Учениците си обезбедуваат работа додека посетуваат практична настава бидејќи работодавачите препознаваат квалитет, информираат од училиштето.

Оттаму нагласуваат дека треба да се даде акцент на средното стручно образование бидејќи на пазарот на трудот недостасуваат такви кадри.

На овогодинешните уписи, кои ќе се одржат наредната недела, средното угостителско-туристичко училиште ја очекува новата генерација на готвачи, слаткари, келнери, угостителски техничари, хотелско-туристички техничари и угостителски техничари за рурален туризам.

 

OhridNews