Комисијата за спроведување на постапката за матурска екскурзија при ОСУ„Св.Климент Охридски“ објави јавен оглас за доставување понуди за избор на најповолен изведувач на матурска екскурзија со учениците од четврта година. Како што информираат од гимназијата, по првично спроведена анкета меѓу учениците, одлуката на училишниот одбор била годинава, шестдневната екскурзија да се изведе во Италија при што ќе бидат посетени градовите Рим, Пиза, Фиренца  Венеција.

Мислењата на родителите беа дека е подобро нивните деца да ја посетат Италија од каде ќе се вратат со бројни впечатоци, отколку да потрошат еднаква или уште поголема сума пари за прослава на завршување на средното образование во хотели и за купување свечена гардероба, вели директорот Звонко Трпески.  

Екскурзијата ќе се спроведе во месец мај, поточно од 16- ти до 21- ти.  На екскурзијата се планира присуство на околу 200 ученици, девет професори-осум класни раководители и директорот на училиштето и доктор.

Минималните услови кои треба да ги исполнува изведувачот  е да станува збор за туристичка агенција регистрирана за вршење на соодветна туристичка дејност согласно позитивните прописи на РМ—лиценца за ТА од „А“категорија, да има успешно реализирано најмалку   три ученички екскурзии  за средношколци во повеќедневен ангажман во земјата и странство, како и да ги исполнува условите за превоз на групи деца согласно Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и Правилникот за посебни технички барања на возилата со кои се превезуваат групи на деца.

Единствен критериум за избор на најповолен понудувач, кој ќе ги исполнува условите наведени во огласот, е  понудената цена. Доколку не е поднесена ниедна прифатлива понуда или Комисијата смета дека цените во понудите се понеповолни од реалните пазарни цени, постапката може да биде поништена.

Т.К.