Вработените во Македонска пошта од подружницата во Охрид денеска во периодот од 08:00 до 10:00 часот го изразија својот револт поради ненавремената исплата на плати за месец февруари, но и бараат решение за состојбата во поштенското претпријатие.
Денешниот протест претставува израз на револт поради доцнење на платите вели претставникот на Синдикатот на Македонска пошта во Охрид, Тони Матески.
Платите сеуште не се исплатени иако се знае дека законскиот рок за исплата на плати е 15-ти во месецот, а сега сме веќе 18-ти. Тоа е основното брање, но исто така сме загрижени и поради состојбата во која се наоѓа нашата компанија. Имено се соочува со уште подлабока криза, пред се финансиска, криза со вработени во технолошкиот процес што дополнително ја усложнува ситуацијата и создава дополнителна несигурност на вработените за својата егзистенција, вели Матески.
Претседателите на Синдикатите во Скопје, потенцира, веќе имаа средби со генералниот директор и иако од нивна страна е ветено дека ќе се обезбедат средства за плата, до овој момент сеуште нема ништо. Додава дека немаат конкретен одговор кога ќе се обезбедат средства за плата.
Да не разговраме за понатамошните активности кои треба да следат кои и досега требаа да следат, за конечна реорганизација и реформи на компанијата и конечна стабилизација на друштвото. Во претходниот период, синдикалните организации имаа и договори и спогодби и согласно на истите беа донесени заклучоци чие спроведување ќе значеше стабилизација и подобрување на состојбите во друштвото. Но, до ден денес многу се мали или воопшто ги нема позитивните резултати. Напротив имаме продлабочување на кризата, пред се поради лоштата кадровска политика на менаџерскиот тим, што значи дека спротивно на тие заложби кои формално беа дадени од нивна страна, реалноста на состојбите е во комплетно спротивна, вели Матески.
Додава дека јавноста ќе биде дополнително известена за тоа какви ќе бидат следните чекори и дали ќе се продолжи со протест или ќе се отпочне постапка за штрајк.
Н.С.Ј.