Математиката нема да биде задолжителен предмет на државната матура за сите ученици во средните училишта, туку само за учениците кои се запишани во гимназиско образование од природно – математичкото подрачје.

Ова било договорено на средбата што денеска ја одржа раководството на Министерството за образование и наука ја оствари со Унијата на средношколци на Македонија.

За гимназијалците коишто го одбрале општествено – хуманистичкото подрачје, како и за сите ученици од средните стручни училишта, математиката ќе биде предмет со можност за избор, покрај странскиот јазик, односно ќе се полага само доколку ученикот го одбере, согласно личната волја, убедување и афинитети. За гимназијалците коишто го одбрале јазично – уметничкото подрачје, задолжителни предмети ќе бидат мајчиниот и странскиот јазик.

На средбата се постигна и согласност, според која Министерството за образование и наука во следниот период ќе достави писмо до сите факултети од областа на техничките науки, со кое ќе им препорача, приоритетност во уписните политики, односно селекцијата, да имаат кандидатите коишто на државна матура го одбрале и го положиле предметот математика.

Дополнително, од факултетите во областа на техничките науки, ќе биде побарано да ја разгледаат и можноста за стипендирање на кандидатите коишто во текот на средното образование оствариле високи постигања поврзани со математичките знаења.

OhridNews