На иницијатива на Лајанс клубот „Охрид“ и образовниот центар „Писи“, во септември започна реализацијата на проектот „МАТЕматика3Мк“, во рамки на кој два пати неделно се одржува бесплатна онлајн настава по математика за учениците од 3 одделение.

Со потпишување на меморандум со Дистрикт 132 Македонија, во рамки на кој функционираат четириесеттина лајанс клубови со над 700 членови, овој хуман проект се прошири низ целата држава.

Основната идеа е во оваа пандемија да обезбедиме бесплатни онлајн часови по математика за учениците од 3 одделение, но тоа да биде и момент кога и нивните родители ќе најдат малку време да се дружат повеќе со нивните деца. Проектот е предвидено да трае до мај, до кога ќе се реализираат 72 часа по 30 минути секој понеделниик и среда од 20:15 часот до 20:45. Часовите се реализираат преку фејсбук профилот на образовниот центар „Писи“, до кој децата можат да пристапат преку профилите на нивните родители или нивен близок кој е возрасен. – објаснува Ангел Јанев од „Писи“.

Целна група се околу 20.000 ученици во целата земја, а од „Писи“ се надеваат дека барем еднаш секое дете од државата ќе ги посети овие часови. До сега се остварени над 10.000 интеракции со корисниците.

Оваа активност има за цел и да постави предизвик на многу општетствено одговорни компании коишто сакаат на некаков начин да учествуваат во вакви и слични проекти. –  додаде Јанев.

Д-р Ертан Омероглу од ЛК „Охрид“ од Охрид, вели дека клубот ја поддржува акцијата, додавајќи дека овој проект е отворен за сите кои сакаат да помогнат.

Овој е само еден од проектите на ЛК „Охрид“. Имаме уште многу за кои се надеваме дека ќе добиеме поддршка од институциите и локалната заедница. – рече Омероглу.

Во име на Дистрикт 132 – Македонија, Меморандумот за реализација на проектот за бесплатни часови по математика за третоодделенците го потпиша гувернерот Марјан Талев, а на чинот присуствуваше и зонскиот координатор Бранко Балоски од лајанс клубот „Лихнидос“.

Ја поддржавме идејата на ЛК „Охрид“ и Образовниот центар „Писи“ и го споделивме онлајн овој проект преку сите клубови и нивните членови, со цел да допре до што е можно повеќе деца. Благодарение на сите, а најмногу на охриѓани овие часови веќе стигнаа до многу ученици. – изјави Талев.

Лајанс клуб интернешнл има пет глобални активности во текот на годината: за помош на слепите и зачувување на видот, борба против дијабетот, екологија, борба против глад и подигнување на свеста за канцер кај децата, а сега со ова активност го вклучуваме и  образованието во нашето хумано делување. – додаде Гувернерот на Д132 – Македонија Марјан Талев.

Г.М.