Натпреварот со Металург не е да се биде или не за нас, но сигурно е значаен, – рече Мартин Манасков во најавата за пресметката помеѓу Охрид и Металург, во 4-та рунда од плејофот во Супер лигата.
Дуелот во СРЦ „Билјанини Извори“ ќе се игра без публика и во нов термин. Предвидено беше да се игра утре во 17 часот, но поради воведувањето на нови рестриктивни мерки од страна на Владата, мечот во Охрид ќе се игра во 15 часот.
Очекувам тешка и неизвесна средба, бидејќи квалитативно шест екипи сме тука некаде. Напорно трениравме изминатава недела, ги имаме анализирано, а на нам останува сето тоа да го пресликаме на теренот и да победиме, – изјави Манасков.
Најголемата опасност во нападот од Металург доаѓа од крилата, затоа наша задача ќе биде со добра одбрана да ги неутрализираме и притисокот да го префрлиме на бековите, истакна Манасков.
Не сме на посакуваното ниво во напад и одбрана, но работиме да се подобриме. Мислам дека нападот е нешто послаб од одбраната. Се надевам дека во следниве мечеви ќе ги наместиме коцките и ќе играме како што посакуваме, – рече левиот бек.
Манасков додаде дека му недостига охридската публика и „Рибарите“, кои, се ветар во грб на ракометарите.
Охрид после три одиграни мечеви има една победа и два порази, додека Металург има по една победа, реми и пораз.
Во 4-та рунда покрај дуелот Охрид – Металург ќе се одиграат средбите Еурофарм Пелистер – Пролет односно Струга – Еурофарм Пелистер 2. Претходно, Вардар славеше во дуелот со Бутел Скопје, победувајќи со 34-26.
Мх.П.