Мечот со Бутел Скопје е најважен за нас сезонава. Тренираме напорно и ќе дадеме се од себе да победиме, со што ќе ги задржиме шансите за пласман во топ 4 и излез во Европа, – рече Мартин Ивановски, во најавата за дуелот Охрид – Бутел Скопје, кој ќе се одигра утре во 14 часот, во рамките од осмата рунда од плејофот во Супер лигата.
„Гладијаторите“ дерби натпреварот со Бутел Скопје ќе го играат во Спортската сала „Тодор Александров“ во Велгошти. Охридските ракометари мораа да се преселат во Велгошти, бидејќи СРЦ „Билјанини Извори“ стана регионален вакцинален центар.
За нас ќе биде минус, бидејќи цела година тренираме и играме во СРЦ „Билјанини Извори“. Паркетот е нешто поразличен, но како и да е одиме да дадеме максимум и да ја оствариме посакуваната победа, – истакна Ивановски.
Тој смета дека екипата која ќе постигне релативно полесни погодоци ќе победи и ќе ги освои бодовите, во дерби пресметката.
Играта во одбрана заедно со голманите се на добро ниво, додека нешто послаб учинок има нападот. Се надавем дека ќе се поправиме и ќе успееме да го добиеме натпреварот, – изјави Ивановски.
Во пресрет на дербито Охрид е петтопласиран на табелата со осум бодови, додека Бутел Скопје е едно место погоре со 10 поени.
OhridNews