Бранот мигранти ќе продолжи да се зголемува и во наредните месеци, предупредуваат меѓународни експерти по безбедност. Според нив бегалската криза со која се соочува и нашата земја, претставува глобална безбедносна закана која заслужува поголемо внимание од меѓународната заедница.
-Прашањето на мигрантите е светски проблем, кој заслужува внимание не само од земјите на Западен Балкан и ЕУ, туку и од ОН. Трагично е да се гледаат овие луѓе кои одат од граница до граница без сигурност дека ќе стигнат до нивната цел. Македонија направи многу за да им помогне на мигрантите но овој проблем треба да се реши на поинаков начин. – вели Џејмс Шерока – универзитетски професор од САД.
Давид Горонбеи од Министерството за надворешни работи на Унгарија смета вели дека актуелната бегалска криза не е само бран на миграција туку феномен, за кој Европа мора да изнајде заеднички одговор.
– Нема знаци дека миграцијата ќе запре, што значи дека напливот ќе расте. Овој проблем може да се реши само со заеднички одговор на ЕУ, но не само на земјите членки на унијата, туку и на земјите партнери. – смета Горонбеи.
Кризата со мигрантите која се посилно ја чувствува Македонија ги покажа слабостите на државата во справување со ваквите закани, укажуваат стручњаците, според кои, на земјата и е неопходна меѓународна помош.
-Секако дека државата работи на изнаоѓање соодветни решенија но понекогаш се гледа дека на државата и недостигаат соодветни капацитети за справување со овие закани, тоа го покажа и неодамнешната бегалска криза, оттука мора да има подобра координација како помеѓу државните органи и различните министерства, така и со соседните земји односно меѓународната заедница за справување со ова прашање, бидејќи Македонија сама не ќе може да се справи со една ваква закана.-истакна универзитетскиот професор Стојан Славески од Маршал центарот.
Во организација на Маршал центарот Македонија и НАТО во Охрид се одржува дводневна конференција на која се разговара за транснационалните закани со фокус на мигрантската криза, на која ќе бидат усвоени препораки за подобрување на безбедносните капацитети на државите членки на алијансата и нејзините партнери за справување со современите предизвици.
Г.М.