По повод Меѓународниот ден на жената, денеска во Скопје ќе се одржи петтиот Марш за женски права.

На овој протестен марш под слоганот „Држава што не постапува е држава што силува“ заеднички ќе упатиме порака дека не можеме да бидеме слободни, кога сè уште се бориме за нашите работнички права, достоинство и почит, и живееме под закана од насилство и системска дискриминација, велат од Платформата за родова еднаквост, кои заедно со активистки за женски права го организираат осмомартовскиот марш.

Оттаму велат дека маршираат бидејќи држава што не постапува е држава што силува. Маршираат за поддршка на сите жртви на криминалната група „Јавна соба“ и сите жртви на родово засновано насилство. Маршираат за да ги потсетат институциите, МВР и Јавното обвинителство дека нема да застанат додека не се исполнат навните барања.

Јавното обвинителство неодложно и темелно да го расчисти случајот „Јавна соба“, кој претставува кривично дело во кое огромен број жени се жртви на родово засновано насилство. Кривичен прогон на администраторите на групите, како и сите членови кои праќале и сѐ уште праќаат фотографии и објавуваат лични податоци на девојки и жени.Сексуалното вознемирување преку интернет посебно да се регулира и во Кривичниот законик. Професионално постапување, помош и поддршка на жртвите на родово засновано насилство од страна на сите надлежни институции, се барањата на Платформата.

Претходно, Платформата упати барање и апел до работодавачите да ги ослободат работничките од обврски на 8 март од 14 до 17 часот, со цел да присуствуваат на овогодинешниот марш.

OhridNews
Фото: Миа