Со мирен марш кој започна од предворјата на четирите средните училишта, средношколците од Охрид им оддадоа почит на настраданите лица во несреќата во Кочани.
Целта е да оддадеме почит на прерано згаснатите животи во несреќниот случај во Кочани, посочуваат организаторите.
Од училиштата, учениците од ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“, гимназијата „Св. Климент Охридски“, средното економско училиште „Св. Кирил и Методиј“ и државното средно училиште „Ванчо Питошески“, по маршот низ градските улици се споија на градскиот плоштад каде запалија свеќи, положија цвеќе пред параклисот и со молчење изразија сочувство до семејствата на настраданите во кочанската трагедија.
Средношколците велат, за жал, трагедијата ги поттикна да размислуваат за тоа колку и дали се безбедни ноќните клубови и дискотеки каде што излегуваат.
Досега немаме размислувано за безбедноста во ноќните клубови и дискотеки. После трагедијава мислиме дека не се баш безбедни. Има премногу луѓе, пијани, малолетници…
Ретко излегуваме навечер. Повеќе во текот на летниот период. Досега можеби и мислевме дека е безбедно, но отсега мислам не. Не можеме да сме свесни каде и кога може да се случи ваков настан. Досега не сме размислувале во насока дали е безбедно местото каде излегуваме или не.
Не излегуваме по ноќни клубови и дискотеки, се уште немаме 18 години.
Не се чувствуваме безбедно кога ќе излеземе во ноќните клубови и дискотеки. Имало бројни ситуации кога доаѓало до тепачки, па нема од каде да се излезе. Се случуваат инциденти, а никој за нив не зборува. Зависи во која дискотека се оди, премногу луѓе се пуштаат и малолетни. По несреќата ќе внимаваме повеќе каде излегуваме.
Инаку, во страотниот пожар во дискотеката во Кочани пред два дена животот го загубија 59 лица, а околу 150 се повредени, дел од нив тешко.
Фото галерија:
Н.С.Ј./Г.М.
фото. А. Момироска