Охрид утре ќе биде домаќин на еднодневниот регионален форум на МАРРИ иницијативата, регионална асоцијација на шест земји од Балканот (Македонија, Црна Гора, Албанија, Босна и Херцеговина, Србија и Хрватска) за азил, миграции и бегалци.

Форумот ќе започне со обраќања на министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и на нејзиниот црногорски колега Јусуф Каламперовиќ чија што земја после македонскиот МАРРИ центар, ќе биде наредниот едногодишен претседавач со МАРРИ иницијативата. Исто така, на Форумот покрај претставници на МАРРИ центрите на останатите земји од иницијативата како и високи функционери на нивните министерства за внатрешни работи, ќе присуствуваат и претставници на Чешката Република како актуелни претседавачи со ЕУ, на Европската Комисија и на Регионалниот совет за соработка.   

Предвидено е на форумот да бидат разгледани досегашните активности на МАРРИ центрите, со посебен осврт на изминатата година кога претседавач со иницијативата беше МАРРИ регионалниот центар Скопје, а ќе бидат презентирани и усвоени нови МАРРИ документи за уште поквалитетно реализирање на зацртаните цели и задачи. Воедно, ќе биде подготвена и усвоена заедничка Декларација на регионалниот МАРРИ форум.