Европа би требало да покаже малку повеќе храброст и доверба, да ги интегрира кон себе земјите од Балканот со што ќе придонесе во решавањето на преостанатите проблеми со кои се соочува регионот, беше истакнато на маргините на Регионалниот форум за азил, бегалци и миграции -МАРРИ,  кој денеска се одржа во Охрид. 


Државите од регионот се ставени под строга контрола од страна на ЕУ, со критериуми кои можеби би биле превисоки и за некои од државите кои се веќе членки на ЕУ, истакна Јусуф Каламперовиќ, министер за внатрешни работи на Црна Гора која денеска го презема претседавањето со Регионалната асоцијација МАРРИ, во која членуваат и Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Србија и Хрватска.


Претставникот на Брисел на Форумот, претседателот на Работната група за проширување на ЕУ, Павел Свитил, од своја страна истакна дека добрата соработка на земјите од регионот е важен предуслов за напредокот во европските интеграции на секоја од државите. „Одредниците поставени од ЕУ за визна либеризација, се истите оние приоритети што Македонија како претседавач со МАРРИ-иницијативата ги постави пред државите од регионот, оттаму и нејзината голема важност на оваа регионална иницијатива, истакна Свитил.


Македонскиот заменик минстер за надворешни работи, Зоран Петров, уште еднаш искажа оптимизам дека Македонија многу скоро, дури и есенва може да ја очекува позитивна одлука на Европскиот парламент во однос на визната либерализација.

На еднодневниот форум во Охрид беше направен осврт на претседателствувањето на Македонија со иницијативата, што заврши денеска.

Ohridnews