Најдобра земја за живот на пензионерите е Мароко, следува Тајланд, островот Морис, Тунис и Португалија, според истражувањето и листата која ја направил францускиот сајт ретрет-етранжер. Листата е составена врз основа на осум критериуми, меѓу кои се трошоците за живот, климата, безбедноста, можноста за интегрирање, цената на недвижностите, квалитетот на здравствените услуги, инфраструктурата. Според ова истражување, кое е извршено во 25 земји, шеста најдобра земја за пензионерите е островот Бали во Индонезија, потоа Шпанија, на осмото место е Доминиканската република, на деветтото Сенегал и на десеттото Италија. Препорачаните земји пред се се однесуваат за француските пензионери.

Мароко го зазел првото место, пред се поради медитеранската клима, прифатливите трошоци за живот и привлечната даночна политика. Покрај тоа, оваа земја е културолошки и јазично блиска до француската популација. Второпласираниот Тајланд се препорачува на пензионерите со авантуристички дух, кои не се плашат од оддалеченоста, но и на кои не им смета топлата и влажна клима. Покрај тоа, трошоците за живот се многу ниски. Островот Морис се нашол на третото место на листата најдобри дестинации за пензионерите поради единствените плажи и климата.