Пред одлучувачкиот натпревар на Македонија во квалификацискиот циклус за Европското првенство во Данска, вицепрвакот Металург на дефанзивците Велко Маркоски и Ацо Јоноски им врачил отказ пренесува „Екипа.мк“.

Среќа за македонскиот состав и навивачи што Маркоски и Јоноски собраа сила да одиграат на високо ниво и да помогнат за триумф над Португалија, кој им го трасираше патот во европскиот ракометен крем.

Оваа информација ја потврди голманот на Гумерзбах, Борко Ристовски, кој рече – Не разбирам како може во соблекувалната, на ден на одигрување на еден вака значаен натпревар, да се појави список во кој се наведени играчите кои се отпуштени од страна на нивниот клуб. Станува збор за клуб кој се прокламира како македонски бренд, но со своето однесување уште еднаш покажа дека цело време прави сопки кога станува збор за функционирање на репрезентацијата. Дел од играчите плачеа во соблекувалната непосредно пред натпреварот, ние бевме тука да ги тешиме и за среќа сите како колектив се издигнавме над најновите сопки и стигнавме до победата. Можам да кажам дека ние како репрезентативни колеги ќе сториме се што можеме за да им помогнеме на играчите што се жртви на ваквите одлуки на националниот тим. Ние победивме, но мило ми е што се дозна вистината за лажните патриоти.

Веста за дефанзивниот двоец со неверување ја прифати селекторот Ивица Обрван и надополни – Не знам колку се точни овие информации, но она што можам да го кажам е дека дел од ракометарите во последните неколку дена беа во шок бидејќи имаше најави дека ќе бидат отпуштени од нивниот клуб. Ние доста разговаравме со нив, гледавме да влијаеме позитивно на психолошки план, но да бидам искрен изненаден сум од ваквиот однос на Металург бидејќи дури и доколку овие играчи навистина не им биле потребни, тогаш дефинитивно требаше тоа да се објави по понеделник.

Ohridnews