Тринаесетгодишниот Марко Пејчиновски попладнево го започна новиот подвиг во обид да го исплива легендарниот триаголник Охрид – Св. Наум – Струга – Охрид, во должина од 64 километри, посветен на лицата со ретки болести. Тој ненајавено, опкружен со најблиските, лекарски тим, официјални лица и пратечка екипа, околу 18 часот влезе во водите на Охридското Езеро кај градското пристаниште. Во моментов Марко ги плива првите километри од соло маратонот, кој треба да финишира утре на празникот Голема Богородица во центарот на Охрид.

Временските услови засега се поволни. Температурата според попладневните мерења на УХМР изнесува нешто над 25 степени Целзиусови. Дува североисточен ветар, што оди во прилог на Марко кој во текот на ноќта ќе ја плива делницата од Охрид до Св. Наум.

Минатата година, тогаш 12-годишниот Марко, во неповолни временски услови исплива од Св. Наум до Охрид и стана најмлад пливач кој остварил таков подвиг, што го сврсти во легендите на овој спорт и на Охрид воопшто, и му донесе бројни награди и признанија.

Подвигот на Марко Пејчиновски е дотолку поголем ако се има предвид фактот дека тој има доживеано инфаркт на коска на долните екстремитети.

Марко подвигот што го започна им го посветува на лицата со ретки болести, со цел да се сврти вниманието на јавноста, а особено на општествените чинители кон проблемите со кои се соочува оваа категорија граѓани. Во знак на поддршка на лицата со ретки болести, кои секојдневно бијат маратонски битки за нивните животи, испечатени се специјални маички по цена од 300 денари кои ќе се продаваат на специјален штанд кој утре ќе биде поставен кај градското пристаниште од 12 часот. Средствата од продажбата на маичките ќе бидат донирани во хуманитарни цели.

OhridNews