Голем број граѓани, пријатели, членови на семејството, денес, дојдоа на градското пристаниште во Охрид да го поздрават охридскиот херој, 13-годишниот Марко Пејчиновски за кој деновиве зборува цела Македонија. Вчера започна нов подвиг посветен на лицата со ретки болести, да преплива 64 километри во Охридското езеро, но по неколку часовно пливање беше спречен да продолжи поради болки во ногата.
Но, Марко не се откажува, повторно ќе се обиде кога ќе има услови за тоа.
- Не ми е баш сеедно, но се чувствувам убаво, ќе продолжам понатаму, нема откажување. Следната година здравје. Благодарност до сите што ме поддржуваат, преубаво беше кога ги читав сите коментари, тоа ми даваше уште поголема мотивација за да издржам. Но, големата болка си го направи своето. Сеуште имам болки, но се обидувам да не им обрнувам внимание, изјави Марко.
Марко на дружба за ретките на градскиот плоштад во Охрид.
Geplaatst door ohridnews.com op Woensdag 28 augustus 2019
Раскажува дека во текот на вчерашното пливање условите биле навистина тешки.
- Имаше големи бранови и силна струја што беше најтешкиот дел. Околу еден час речиси пливав во место, вели Марко.
Поддршката за Марко е огромна, социјалните мрежи се преплавени со благодарност за вниманието кое им го посвети на лицата со ретки болести и храброста да започне еден ваков подвиг, за кој досега ни најсмелите маратонски пливачи не се обиделе.
- Фала Марко што пливаш и за мене, вели нашата сограѓанка Ивана Топенчарова.
Во тек е дружбата на брод со лицата со ретки болести, волонтери и активисти за правата на оваа категорија граѓани.
Марко стана охридскиот и македонски херој кога минатата година како 12-годишно дете, во неповолни временски услови исплива од Св. Наум до Охрид и стана најмлад пливач кој остварил таков подвиг, што го сврсти во легендите на овој спорт и на Охрид воопшто, и му донесе бројни награди и признанија.
Годинава својот нов подвиг им го посвети на лицата со ретки болести на кои им порача – „Никогаш не се откажувајте!“
OhridNews