Хрватскиот интернационалец Марко Кобетиќ е еден од седумте нови играчи кои го засилија охридскиот ракометен клуб во летниот преоден рок. 26-годишниот ракометар кој дејствува на средната и левата бековска позиција во минатото има настапувано за хрватските Сисак и Пореч и француските екипи Монтелимар и Гренобл.
– Сите нови засилувања одлично бевме прифатени од играчите и стручниот штаб. Морам да го пофалам мојот сонародник Јосип Кежиќ кој многу ми помогна околу аклиматизацијата во екипата и општо во градот Охрид. – рече Марко Кобетиќ на почетокот од разговорот со Ohrid News.
Кобетиќ на подготвителните натпревари покажа дека ќе биде вистинско засилување за охридските бели, а тренерот Горан Андоновски во неговото име доби „All round“ ракометар.
– Нашите резултати од подготвителните натпревари се добар пред знак за сезоната иако треба да се земат со резерва. Имаме уште недела дена да поработиме тактички и да ги надополниме сите недостатоци во играта за што подобри да влезиме во првите мечеви. – додаде ракометарот.
Хрватот со нетрпение ги чека мечевите од Супер лигата, особено оние кои „гладијаторите“ ги играат на домашен терен. – Многу ми кажуваа за публиката и атмосферата во Охрид, и со нетрпение посакувам да ја почувствувам и да одиграм еден меч пред таква страствена публика. Се надевам дека сезонава ќе се сплотиме сите заедно и ќе успееме да донесеме нови историски успеси за ракомететот во Охрид. – додаде Кобетиќ.
Покрај Кобетиќ клубот го засилија Јовица Младеновски, Бојан Спасовски, Александар Стојаноски, Дарко Јанев, Лазар Адамовиќ и Бобан Блажески. Охридските ракометари премиера во „Билјанини Извори“ во Супер лигата ќе имаат во третата рунда против составот на Борец.
Михаил Постоловски