Кошаркарската федереција на Македонија (КФМ) чудно по една одиграна рунда од пролетната полусезона во Првата лига ги суспендираше Куманово, Струмица, Кожув и Карпош Соколи за нерегулирани долгови кон матичната куќа на кошарката. Куманово, Струмица и Кожув го извлекоа подебелиот крај, бидејќи Карпош Соколи не се натпреварува во Првата лига и нема да претрпи никакви санкции за сега.


Охридскиот кошаркарски клуб остро реагираа за новонастаната ситуација која се провлекува од септември месец минатата година и најмалку оди во прилог на кошарката.

– Разочарани сме од работата на федерацијата, а и од клубовите. На почетокот од сезоната се препукуваа, но таа започна, а со тоа ние мислевме дека сите проблеми односно правни-финансиски работи се завршени. Очигледно е дека не е така и никој не го засега нашиот досегашен труд вложен во македонската кошарка. Припремите за дебитанското учество во Првата лига ги започнавме најрано од сите екипи некаде околу 20 август. Плановите на подготовките ги направивме со очекување дека сезоната ќе си започне нормално, а не месец дена подоцна од вообичаеното, односно на средината од ноември. За потребите на екипата подготовки имавме и надвор од границите на Македонија, но одложувањето на првенството ни ги помеша сите планови. Исто се случува и сега, шампионатот започна па прекина, и одново се наоѓа во стагнација што не е добро за нас како клуб и воопшто за сите во кошаркарската елита. – изјави спортскиот директор Марјан Бошалески.

Тој додаде дека сопственикот на клубот го губи трпението со хаотичната состојба во македонската кошарка и лесно може да се случи најлошото да крене раце од се и да се тргне од екипата. – Ние сме клуб финансиран само еден човек и секогаш ова го потенцирам, бидејќи целиот финансиски товар паѓа на неговите плеќи. Од една страна ние молиме луѓе да финансираат во кошарката, а со вакви потези ги бркаме оние кои спонзорираат клуб кој работи според сите правила и прописи. АВ Охрид можеби е единствен клуб во македонската кошарка кој има подмирено на време се и кон секого. Затоа сакам да ни се врати во иста мера и лигата каде се натпреваруваме да функционира нормално. Во склоп на клубот имаме младински екипи кои имаат услови рамноправни со првата екипа и сакаме што побгру да се средат работите и да се вратат кошаркарите каде што им е местото.


„Галебите“ во пролетната полусезона имаат одиграно еден натпревар со Фени Индустри во „Билјанини Извори“, додека вториот кој требаше да се одигра минатиот викенд во Куманово го добија со службен резултат поради суспензијата на кумановскиот состав.

– Со Куманово го добивме мечот со службен резултат 20-0, но од тогаш тргнаа и проблемите во македонската кошарка. Од тука се поставува прашањето зошто ние како клуб да вложуваме средства кога не ги играме натпреварите, туку ги добиваме службено. Сосема друг пристап ќе имавме ако пролетната полусезона воопшто не почнеше, а ние како клуб бевме информирани за тоа. Кога веќе федерацијата дозволува да се игра кошарка, требаше проблемите во случајов долговите да се подмирени, а не сето ова да испадне како моментално решение, кое донесе поголеми загуби и проблеми. – истакна спортскиот директор на клубот.


Немањето натпревари веднаш се одрази и на ростерот во екипата. Кошаркарскиот клуб АВ Охрид спогодбено го раскина договорот со Дмитри Некрасов. Рускиот интернационалец не импресионираше во охридскиот дрес, а немаше ниту многу натпревари да покаже нешто повеќе.

– Приморани бевме да ја завршиме соработката со рускиот интернационалец Дмитри Некрасов. Ако во најбрз можен рок не се променат работите ќе мора да постапиме така и со другите играчи кои навистина ни се терет на буџетот. Сите во клубот сме големи оптимисти и се надеваме дека КФМ ќе најде начин и ќе прекиниме да зборуваме за вакви работи кои ја одземаат магијата на кошарката. – заврши Бошалески.

За професионалноста на охридскиот клуб говори фактот дека е единствен во Првата лига кој од секој натпревар има директен пренос, а домашните мечеви се збогатени со професионални фотографии.

Мх.П.