Марија Бошкова е добитник на првата награда на Конкурсот за најдобра необјавена песна за деца „Тоде“, распишан во чест на Тоде Илиевски.

Бошкова беше наградена за песната „Во една шума чудесно чудна“. Второто место го освои песната „Бунт на природата“ од авторката Светлана Котевска. Третата награда ѝ припадна на Ружица Денковска за песната „Градинарска судница“.

Настанот на доделувањето на наградите во организација на ЗПРКДУ „Креативна верига“ –Охрид и поддржан од општина Охрид, го отвори Марина Икономова Шокева, претставник на здружението, додека за Тоде Илиески зборуваше неговата ќерка Ана Богиќ. Како дел од програмата присутните можеа да слушнат повеќе песни од богатиот опус на Тоде Илиевски, претставени од учениците при ООУ „Св. Климент Охридски“ –Охрид.

Во име на жири комисијата, во состав претседател Славе Ѓорѓо Димоски, Лилјана Пандева и Наташа Аврамовска се обрати претседателот кој истакна дека пристигнатите 67 песни ги карактеризира тематско-мотивско разнообразие, при што како најдоминантни теми се јавуваат светот на природата, како и еколошките мотиви, а засегнати се и темите на социјалните мрежи. Присутни се и темите кои се однесуваат на образованието и училиштето. Комисијата истакна дека сите наградени песни ги одликува вешто и игриво, музички интониран стих, јасен и транспарентен поетски стил кој воедно суптилно и умешно подучува.

Овие награди се одржаа по третпат и се под покровителство на Општина Охрид. Наградените песни ќе бидат објавено во единаесеттиот број на електронското списание за книжевност и друга уметност „(е)Лит“ кое го издава Здружениото.

OhridNews