Марио Пердулоски триумфираше на првото издание на хуманитарната Картинг трка Римо која викендов се одржа во Охрид. На втората позиција финишираше Гоце Димоски, додека трет заврши Мартин Дојчиноски.

Пердулоски стартуваше од втората позиција и уште во првата кривина го презеде водството. До крајот на десеттиот круг не го испушти и победи на првото издание. Вистинска борба се водеше за втората и третата позиција. Димоски и покрај проблемите со картингот не попушти и заслужено се искачи на подиумот. Дојчиноски имаше возбудлива трка со неколку претекнувања со кои обезбеди пласман на третата позиција.

  • Имавме возбудлив викенд во духот на авто мото спортот. Од срце им се заблагодарувам на учесниците кои покажаа голема хуманост и разбирање за целиот овој настан. – изјави Марио Димов организиратор на Картинг трката Римо.

Наградите на најдобрите им ги доделија менаџерот на Картинг центарот Римо Васко Димов и Стефан Николоски од Мото центарот Амбасадор. Организаторите ги наградија Христијан Мујоски за најбрз круг, Дуле Илоски за фер плеј пилот и Миа Емилија Димова за храбро срце помеѓу машките пилоти.

Мх.П./А.М.