Охридските фудбалери во шестата рунда од Втората македонска фудбалска лига-запад во локалното дерби ќе се сретнат со составот на Лабуништа. Во дерби пресметката „сино белите“ ќе ги бркаат првите бодови на табелата и излез од резултатската криза, додека „зелено белите“ кои се фаворити ќе атакуваат на целиот плен кој ќе ги задржи во горниот дел од табелата.
- Свесни сме за ситуацијата во која се наоѓаме и се` освен борба за добар резултат и бодови друго не ни преостанува. Тимската хемија во екипата е на добро ниво а во меѓувреме имаше и промени во стручниот штаб кои внесоа дополнителен мотив за излегување од резултатската криза. Бодови ни се повеќе од потребни. Прво за публиката и навивачите кои доаѓаат а потоа и за нас кои од јули месец се подготвуваме. Мора да се каже дека почетокот на сезоната е крајно лош и не очекуван, но добро е што сега не фати криза отколку на крајот од сезоната. – изјави тренерот асистент Марино Маркоски.
Повратникот во екипата Наум Вељаноски најавува борба и посакува позитивен резултат во средбата со Лабуништа. Тој го пропушти Куп дуелот во средата со тимот на Лабуништа кој славеше со 2-0 за да биде максимално подготвен за утрешниот меч од првенството.
- Изминативе два-три дена тренирав со полн интензитет и подготвен ќе бидам за утрешниот натпревар. Го пропуштив дуелот во Купот за да бидам фит за дуелот во Втората лига кој многу повеќе ни значи. Мора да бидеме реални и да се соочиме со состојбата и да најдеме начин да излеземе од резултатското сивило. Не гледам причина средбата со Лабуништа да не биде почеток на една позитивна серија и пресвртница во сезоната. – потенцираше Вељаноски.
Главен арбитар на мечот е Марјан Дејаноски од Кичево. Натпреварот се игра утре (сабота) со почеток во 15 часот.
Мх.П.