Најтрофејниот кошаркарски колектив во Македонија, Работнички изминативе десеттина денови со скратен ростер одработи подготовки во Охрид. „Црвено белите“ под палката на Марин Докузовски и Кристијан Кајчевски во Охрид најголем фокус ставија на физичка подготвеност која е база за добра и успешна сезона.

– Во Охрид ставивме повеќе акцент на физичкиот план и тренирањето со топка го оставивме малку на страна. Мал хендипек беше отсуството на Стајиќ, Крстески, Караџоски и Николовски кои се дел од македонската репрезентација, но јас сум задоволен како играчите одговорија на нашите барања и задачи. – изјави Докузовски.

Тој финалните подготовки за новата сезона во македонската кошаркарска елита ги најавија после комплетирањето на екипата. – Моментот кога четирите играчи ќе ни се приклучат ние ќе почнеме со финалните подготовките. Тогаш, ќе обрниме многу внимание на тактиката.

Минатата сезона Работнички го симна МЗТ Скопје од тронот, а тоа сезонава ќе биде обврска повеќе за „центарци“, но и мотив повеќе за ривалите.

– Секогаш и секоја екипа е максимално мотивирана против Работнички, а сезоната која доаѓа ние ќе го имаме епитетот и актуелни шампиони. Сите викаат дека лесно е да ја освоиш, а потешко да ја одбраниш титулата. Ние имаме ростер и мислам дека не очекува добра и возбудлива сезона. Сега во овој момент прецизно не може да се каже кој е фаворит или која екипа ќе ни биде најголема закана, бидејќи во текот на првенството тимовите претрпуваат големи промени. Од јануари натака ќе може да се каже кој ќе го има главниот збор во кошарката. Играчки најквалитетен состав има МЗТ Скопје, Гостивар исто така има добра екипа, Блокотехна е тука и другите кои доаѓаат од сенка. – потенцираше Докузовски.

Од оваа сезона ќе започне трендот на намалување на странците во Првата лига. На терен екипата ќе мора да има три домашни играчи, а бројот на странците во ростерот ќе биде ограничен на четири.

– Намалувањето на странските играчи во ростерот ќе доведе да се посвети повеќе внимание на домашните играчи. Со тек на време во нашата лига нема толку многу да се носат странски играчи и ако се носат ќе бидат проверени, а не анонимуси и непознати за нашата јавност. – заврши искусниот стратег.

Првата лига сезоната која доаѓа ќе брои десет екипи, а возбудувањата ќе започнат на средината од следниот месец.

OhridNews