Марија Божиновска во категоријата боди-фитнес од 2013 до 2015 година успеа да ги освои сите трофеи во Шпанија. Таа жетвата на медали ја започна од Општинското натпреварување во Барселона 2013 година, потоа триумфираше на региоаналното натпреваруање во Јужна Шпанија, а годината ја заврши со победа на Државното првенство.
Во 2014 година во Купот на Шпанија се закити со наградата апсолутна победничка, а сезоната ја круниса со третото место на интернационалното натпреварување Арнолд Класик. Година потоа 37-годишната Македонка победи на Интернационалниот боди-фитнес натпревар. Првото место го освои и на Арнолд Класик, а во Ливерпул се закити со сребрено одличје во аматерска конкуренција.
Нејзината желба за занимавање со овој спорт потекнува од средношколските години. Божиновска прво започнала со аеробик, но многу бргу се префрлила на фитнес кој нуди поголема возбуда и адреналин.
– Уште кога имав 16-17 години почнав да се занимавам со аеробик, но по само една година се навлеков на фитнес бидејќи имаше поголем ефект. Некоја посебна причина за одбирањето на фитнесот немам, едноставно на почетокот сакав да изгледам убаво. Но, вежбањето е пасија која мораш да ја храниш секој ден и еве од 18 години до сега немам прекинато да вежбам. – рече на почетокот од разговорот со Ohrid News, Марија Божиновска.
Шпанската снаа следната година планира да ги брани боите на Македонија на сите натпревари со интернационален карактер. – Во план сум од следната година да се натпреварувам под знамето на Македонија на сите интернационални натпревари. Имав првични контакти со луѓето од националната федерација и заедно планираме годината што доаѓа да го освојуваме светот.
Дел од подготовките за престојните предизвици Божиновска ги одработи во фитнес центарот Фит Форм заедно со нејзиниот сопруг и тренер, Стив Марбеља и шампионот на Македонија од 2013 година, Гоце Мојсоски.
– Четврта година како се натпреварувам и до сега резултатите одат во моја полза, но секако дека посакувам уште повеќе. Во Шпанија е тешко да се успее бидејќи само победникот почнувајќи од Општинското натпреварување па се до националното првенство обезбедува пласман понатаму. Досегашните резултати ми даваат голема волја за понатаму. Затоа имам големи цели на Арнолд Класик каде сакам да бидам апсолутна победничка, на предизборот за Светското првенство во Посла и на Светското првенство во мастер категорија за девојки постари од 35 години. За сево ова да го остварам жртвувам многу работи, но не може без труд и напор да се се успее. – потенцираше нашата соговорничка.
Во финалниот процес на подготовките Марија тренира два пати на ден, шест пати во неделата со посебна програма за исхрана.
– Финалните подготовки за еден натпревар се 12 недели, а мора да се тренира цела година и да се игра на некој начин со исхраната. Во различни термини во зависност од програмата внесувам се што му е потребно за организмот. Исхраната е најважен сегмент за еден боди-фитнес натпреварувач. Околу 80% од успехот се базира на исхраната. Во тие 12 недели јадам бела риба исклучива варена, пилешко месо исто така варено, зеленчук и понекогаш овошје. Во текот на денот конзумирам многу вода, а во последната недела сево ова се сведува на минимум за исцрпување на телото. – завршија Марија.
Таа во Охрид покрај подготовките успеа да се одмори и прошета, а нашиот град ќе го препорача на сите спортисти во Шпанија кои сакаат комбиниран одмор.
Фото галерија:
Марија Божиновска под македонското знаме посакува да го покори светот во боди-фитнес.
Михаил Постоловски