– Порастот на бројот на наркозависници во Охрид се должи на лесниот пристап до дрога, евтина дрога, тука е и љубопитноста на младите да се биде во тренд и да се биде прифатен во друштвото, истакна Јулијана Настоска – социјален работник во НВО „Опција“.
Јулијана Настоска
Невладината „Опција“ работи на помагање на зависниците од хероин, а во Охрид функционира и Регионален дневен центар за рехабилитација и ресоцијализација, но според Настоска борбата против болестите на зависност ќе има поголем ефект доколку се здружат и координираат активностите на невладиниот сектор и државните институции.
– Треба да се умрежат сите владини и невладини организации вклучени во оваа проблематика, да се развие свеста кај општеството дека дрогата е присутна околу нас, во нашата улица, во нашите семејства, но и да се развие свеста кај младите дека не треба да користат дрога за да бидат во тренд и прифатени од средината, смета Настоска.
Според податоците на СВР Охрид, во 2008 година во Охрид биле евидентирани 342 наркозависници, минатата година 370, а до сега оваа година регистрирани биле 383 наркозависници.
-Ова е светла бројка, затоа што сметаме дека темната бројка е многу поголема, што е алармантен податок за сите, за целото општество, па и за нас како служба, вели Стефан Димоски, портпарол на СВР Охрид.
Темната бројка на наркозависници е многу поголема смета полицијата
Димоски посочува дека оваа година службите за борба против дрогата реализирале повеќе успешни акции, при што се запленети 150 килограми марихуана, како и други видови дрога.
Покрај репресивни, се преземаат и превентивни мерки. Во соработка со ОБСЕ, охридската полиција го реализира едукативниот проект „Дрога, вистина и заблуди“ со кој се опфатени 25 000 ученици и 9000 родители во 7 општини кои ги покрива СВР Охрид, а наскоро ќе отпочне и кампања во која ќе бидат вклучени познати личности од јавниот, спортскиот и културниот живот.