Министерот за правда Бојан Маричиќ, во врска со вчерашното разрешување од страна на Судскиот совет на судијката Весна Кичеец од Основниот суд Охрид, рече дека ја поздравува секоја одлука на Судскиот совет што има за цел да ја подобри ефикасноста, законитоста и праведноста во постапувањето на судиите, не коментирајќи го конкретниот случај.

Овој случај, како и други случаи во кои се разрешуваат судии зависи од Судскиот совет и од механизмите утврдени со Законот за Судски совет и со Законот за судови. Ја поздравувам секоја одлука на Судскиот совет што има за цел да ја подобри ефикасноста, законитоста и праведноста во постапувањето на судиите и мислам дека тоа е нивна основна задача, така што без да го коментирам конкретниот случај и да заземам страна, бидејќи ниту е работа на министерот за правда да се меша во овие случаи, ниту пак да пресудува. Би сакал да кажам дека доколку разрешената судијка мисли дека и се прекршени правата или е неправедно разрешена има можности и механизми како да се жали, а секако Судскиот совет и останатите истанци во рамките на оваа постапка ќе може да го кажат своето мислење и мислам дека точно ќе треба да ја утврдат одговорноста, ако веќе и не ја утврдиле со оглед на одлуката за разрешување, рече Маричиќ.

Според него, секој има право да се докаже во процедура дали смета дека можеби Судскиот совет погрешил.

Мислам дека Судскиот совет кога носи вакви одлуки најчесто особено по новите стандарди од 2019 година наваму кога веќе доаѓаме до бројка од десет разрешени судии, има јасни критериуми, има јасна постапка и сигурен сум дека ги разгледува соодветно и аналитично сите околности пред да донесе ваква одлука затоа што разрешувањето е една крајна форма на одговорност. Така што штом се одлучил на ваков чекор сигурно имале цврсти аргументи, истакна тој.

Маричиќ потсети дека затоа постојат и механизмите за жалба и механизмите за докажување на исправноста на постапувањето на секој од судиите.

Сепак, тоа е работа на системот воспоставен од Судскиот совет и јас верувам дека ќе се расчисти овој случај до крај. Сигурен сум дека ќе имаме и понатаму случаи слични во кои ќе има различно мислење на оние кои би биле разрешени од Судскиот совет, тоа е нормално. Но, затоа постои системот за да можат да се докажат, имаат право и пред судски истанци и понатаму да ја бараат правдата, но системот треба да покаже функционалност, одговорност и секако законитост, вели Маричиќ.

Со одлука на Судскиот совет вчера беа разрешени двајца судии од Основниот суд во Охрид поради нестручно и несовесно работење.

Во првиот случај, судијката Весна Кичеец e разрешена поради процесот против српскиот државјанин Бојан Угреновиќ, кој на  новогодишната ноќ на 1.1.2016 година до смрт го претепа охриѓанец Димитар Матилоски во центарот на градот. Поради развлечено судење од повеќе причини, Угреновиќ беше пуштен од затвор, по што ја напушти државата. Во отсуство тој беше осуден на казна затвор во траење од 16 години, но до ден денешен тој е недостапен за правдата.

Судијката Кичеец, во пишан став за медиумите истакна дека не може да поверува во информацијата и најави жалба на одлуката на Судскиот совет.

Првата моја одлука за Угреновиќ е донесена само по месец и половина од добивање во работа на предметот, по признание на вина, и изречена му беше казна од 16 години. За Апелација Битола казната беше висока, ја укинаа пресудата. Висока била казната и покрај тоа што остануваа уште помалку од 4 месеци до максиналниот рок за притвор. Повторно ја донесов истата одлука, Апелација ја преиначи на 8 години, Врховен ја преиначи нивната и повторно изрече 16 години. Навистина не знам каде е мојата вина, цените сами, меѓутоа, тоа е што е, мора да се прифати. – вели судијката Кичеец.

Судскиот совет го разреши и судијата Трајче Скрчески, иако тој е веќе во пензија.

OhridNews