Со истрчувањето на Атлетскиот маратон, кој ќе се одржи утре, на 8 септември, во Охрид, ќе биде означен официјалниот почеток на маратонски потфат на членови на Иницијативата „Патот до Саргасово Море“.

Целта на потфатот е да се подигне свеста кај јавноста за проблемот со охридската јагула. Со изградбата на брани на реката Црн Дрим на територијата на Македонија и Албанија пред околу 50 години попречен е природниот пат на охридските јагули преку Црн Дрим, Јадранското Море, Средоземното Море и Атлантскиот Океан да стигнат до Саргасовото Море (близу Бермуда), каде што се мрестат и од каде нивното потомство се враќа, по истиот пат, до Охридското Езеро.

– Со цел актуелизација на проблемот со охридската јагула, почнувајќи од Охридскиот маратон, двајца наши членови маратонци ќе се обидат во рок од година и четири месеци да истрчаат исто онолку километри колку што јагулата треба да помине на својот пат од Охридското Езеро до Саргасовото Море. Импозантната дистанца од околу 7.400 километри која ја поминува оваа риба маратонка, нашите двајца членови планираат да ја истрчаат на неколку маратони и на свои тренинзи, а симболично ќе финишираат со Маратонот во Хамилтон, Бермуда на 17 јануари 2016 година, велат организаторите на маратонскиот потфат .

Крајната цел на Иницијативата, симболично наречена „Патот до Саргасово Море“, е преку изградба на систем на водни лифтови/канали на браните на Црн Дрим повторно да се овозможи охридската јагула да го следи својот исконски пат до Саргасово Море и назад.

OhridNews