Охриѓани од есен ќе гледаат прволигашка кошарка. Градскиот кошаркарски клуб Охрид обезбеди пласман во најсилната национална лига. За успехот, новите предизвици, засилувањата и идните планови, во Спорт + разговараме со спортскиот директор на ГКК Охрид, Марјан Бошалески.
Не очекував дека ќе стигнеме до овде, се потрудивме генерално и како клуб и како управа, посебно пофалба и до играчите и дојдовме до скалилото кое не води во Првата лига. Континуирана работа, посветеноста на сите доведе до ова и се надевам дека истото ќе го пресликаме и понатаму и во Првата македонска лига, вели Бошалески.
Викендов треба да се одигра финалниот натпревар со Вардар во кој се одлучува победникот во Втората лига, но нема натпреварувачко значење.
Овој натпревар е пласман за тоа кој ќе биде на првото или второто место во Втората кошаркарска лига. Натпреварот се игра во недела во 18:30 во СРЦ „Кале“. Ова е само лична клубска сатисфакција која покажува каде и кој клуб во моментов е во Втората лига и пласманот во Првата лига.
Потенцира дека претстои период во кој ќе има доста работа, каде меѓу другото со самото влегување во Првата лига следи трансформација од Здружение на граѓани во Акционерско друштво.
Имаме ограмна поддршка од Градоначалникот и локалната самоуправа. Веќе е направена една финансиска конструкција којашто ќе ги покрие основните трошоци, прво организациски. Потоа треба да се разговара и за спортскиот дел каде треба да се донесат и играчи, бидејќи лигата и рангот на натпреварување во првата и втората лига е многу различен. Не бегаме од одговорност и верувам дека ќе направиме успешна приказна, вели Бошалески.
Поддршка вели имаат веќе од помалите фирми, во тек се и разговори и се надева дека во наредниот период ќе успеат да добијат поддршка од уште повеќе фирми.
Бевме потпрени на охридски играчи, имавме добра база, основа и поставеност со играчите, мораме да се насочиме за носење на играчи, но пак базата сакаме да биде од играчи кои веќе ги поминале нашите филтри тука во Охрид. Се надевам дека ќе направиме добра структура и ќе имаме респектабилен тим во Првата лига. Костурот останува со природна селекција на играчи, но тие кои ќе останат ќе мора малку повеќе професионално да се ангажираат во клубот. Ќе има и засилување и од странство, вели Бошалески.
Истакнува дека Тони Стојаноски е млад тренер кој одлично работи до сега и резултатите се видливи со што ќе му биде дадена шансата со надеж дека ќе прерасне во квалитетен тренер и ќе направи добра база за понатаму.
Г.М.