Редакцискиот тим на Македонска енциклопедија денеска во седиштето на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) расправа за можноста да се извршат извесни корекции во делови од Енциклопедијата, која беше издадена минатата недела, јави националната телевизија „Телма“.

Претседателот на МАНУ Ѓорги Старделов изјави дека, според него, потребно е во Енциклопедијата да се извршат извесни корекции во поглавјето за Албанците во Македонија, особено во деловите кои предизвикаа чувство на навреденост кај албанската заедница. Тој подвлече дека во еден дел има оправдани негативни одгласи во јавноста. кои се однесуваат на ова поглавје, особено за потеклото на Албанците и имињата со кои се нарекуваат од страна на некои од балканските народи, пренесува „Телма“.

Инаку, деновиве политичките претставници на Албанците, како и еден број невладини организации изразија силен протест со барање да се повлече Македонска енциклопедија, особено негодувајќи поради енциклопедиското објаснување за имињата со кои се нарекуваат Албанците на Балканот, за историјатот на нивното населување во Македонија, како и во делот кој се однесува на 2001 година, квалификациите за тогашната ОНА, нејзините лидери и врските со странски служби. Критика на ова прво, капитално енциклопедиско издание изразија и дел од интелектуалната-македонска јавност, како и опозициската СДСМ. Инаку, Македонска енциклопедија, деновиве излезе од печат, но досега во само 50-тина примероци и ја нема во продажба, со што ќе биде и олеснето печатењето на “корегирано” прво изндание, се вели во сторијата на телевизија „Телма“.

Ohridnews
Извор: Тв Телма