На промоцијата на овој реновиран споменик на културата ќе се обрати министерот за култура Елизабета Канческа-Милевска, а свое обраќање ќе имаат и: академик Георги Старделов, претседател на МАНУ и Паско Кузман, директор на Управата за заштита на културното наследство.
Реконструкција на „Куќата на Уранија” во Охрид е капитален проект на Министерството за култура кој има за цел запазување на автентичноста на старата градска архитектура на Охрид кој е град под заштита на УНЕСКО.
Првата поголема реставрација и конзервација на „Куќата на Уранија” е изведена во 1951/52 година, а во 2008 година, поради потенцијалната опасност од оштетувања, НУ Завод и Музеј – Охрид изработи изработи проект за целосна реконструкција на конструкцијата на објектот. За реализацијата на овој проект на Министерството за култура, беше извршено статичко зацврстување на камените ѕидови од подрумот и приземјето. Потоа беше извршена факсимилна обнова на двата ката и на покривот од објектот. Објектот факсимилно е обновен како надворешно така и внатрешно со запазување на сите елементи.
Исто така е извршено и уредување на дворното место од јужната страна со поплочување на просторот и изведување на дрвена натстрешница во дворното место.
Куќата на Уранија е изградена во втората половина на 19 век. Припаѓала на неколку гранки од семејството Филевци, закупци на езерскиот риболов во турско време. Подоцна сопствениците се иселиле од Охрид, а останат е само споменот на старата жена Уранија, последен жител на домот, по која куќата го добила името.