„Денови на ученичкиот театар“ е насловена манифестацијата која ќе се одржи утре и задутре во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид, во рамки на проектот „Популаризација на театарот“, што го реализира општина Охрид во соработка со основните училишта и охридскиот Народен театар.
Според плнираното, утре со почеток во 11 часот, на малата сцена при НУ Центар за култура „Григор Прличев“, манифестацијата ќе ја отворат учениците од ОУ „Кочо Рацин“ со изведба на драмскиот текст „Соживот“, во режија на наставничката Наташа Неданоска. Во 12 часот настапуваат „актерите“ од ОУ „ Живко Чинго“ со современа изведба на драмскиот текст „Бегалака“ , во режија на наставничката Снежана Стојаноска. Во 13 часот настапува театарската група од ОУ„Христо Узунов“, со изведба на драмскиот текст „Чорбаџи Теодос“, во режија на наставничката Нада Групче.
На 28-ми мај во четврток на истата сцена, во времето од 11 и 12 часот, ќе бидат прикажани драмските претстави „Дилбер Стана“ во изведба на учениците од ОУ „Братство Единство“, во режија на наставничката Јованка Љаткоска и драмата „Чорбаџи Теодос“, во изведба на учениците од ОУ „Григор Прличев“ , во режија на наставничката Маја Гугоска.
Овој проект за прв пат се реализира оваа година и ќе има ревијален, а не натпреварувачки карактер. Целта на овој проект е да се негува мајчиниот јазик, да се приближи театарската уметност до најмладата публика и притоа театарот да стане подостапен за секоја возраст.
OhridNews