Седумнаесет уметнички дела изработени на јајца, хартија, но и пишани поезија и проза беа издвоени како победници на манифестацијата „Највелигденско јајце“, што синоќа се одржа во центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга, во организација на драмското студио „Миладин” и хорот „Калистрат Зографски“.

По пауза од две години, стружани, како што истакна Ристе Миладинов од драмското студио „Миладин“, имаа можност повторно да творат и да уживаат на Манифестацијата, која почна пред 19 години.

Пандемијата со ковид не ја спречи публиката по две години пауза, повторно во голем број да дојде, да учествува и да присуствува на изборот за „Највелигденско јајце“. Стружани докажаа дека манифестацијата ја чекале со полно срце и љубов, истакна Миладинов.

Пред изборот за најдобрите остварувања настапи хорот „Калистрат Зографски“, потоа беседа одржа отец Стефан Санџакоски, а не изостана ниту традиционалната Велигденска претставата на „Миладин“ овој пат насловена „Вера, надеж и љубов“.

Идејата, која излезе уште пред 19 години беше да се направи проект, кој ќе живее за граѓаните и од граѓаните. Го избравме Велигден како еден од најголемите христијански празници, а стружани имаат можност да ја изразат својата креативност и да ја прикажат пред јавноста, додаде Миладинов.

Настанот почна ден претходно, во саботата со работилница, на која најмладите, но и возрасните имаа можност да творат, цртаат пишуваат… но и да украсуваат велигденски јајца. Изработките беа прикажани на изложба во Центарот за култура во Струга.

OhridNews