Симон Фароу, светски позната манекенка за костими за капење, која е обвинета дека организирала ланец на трговија со дрога, била уапсена во Австралија откако пред еден месец била ослободена со кауција. Фароу, некогашно заштитно лице на познатиот производител на бикини „Ед Харди“, користела 19 различни псевдоними за испраќање на метамфетамини ширум светот преку Федекс или поштенска служба. Била уапсена во Квинсленд и минатата седмица била префрлена во Сиднеј. Манекенката ги негирала сите обвиненија и рекла дека се криела плашејќи се за својот живот.
Прв пат била уапсена во октомври 2009 година, откако отпатувала за Австралија додека американската агенција ДЕА го претресувала нејзиниот стана на Сансет Булевар и наводно запленила дрога и документи. Со помош на еден пријател во февруари платила кауција од 150 илјади долари, а австралиската полиција конечно ја уапсила минатата седмица во еден ефтин хотел на Златниот Брег. Австралиските власти веруваат дека зад параванот на високата мода манекенката водела двоен живот, тргувајќи со дрога сокриена во пакувања на сол за капење, која често се користела во модната индустрија и шоу бизнисот. Истражителите тврдат дека Фароу била мозок на криминален ланец во кој учествувале уште најмалку седум лица.