Екипата на Манчестер Јунајтед го назначи Оле гунар Солскјер за нов менаџер. Норвежанецот од декември минатата година беше вршител на должност, откако го наследи Жозе Мурињо кој доби отказ од „црвените ѓаволи“.
Фудбалската легенда доби три годишен договор и плата од 7 милиони евра. Солскјер добро ја започна авантурата на Олд Трафорд успевајќи резултатски да го разбуди клубот, да ја врати атмосферата во соблекувалната и на трибините.
- Од првиот ден кога пристигнав се чувствувам како дома. За мене е чест што бев фудбалер на овој специјален клуб, а сега и тренер. Последните месеци беа посебни за мене и би сакал да ја искористам оваа прилика да им се заблагодарам на сите тренери и фудбалери за одработеното. Така треба да продолжиме и во иднина со цел да постигнеме уште поголеми успеси и да го вратиме клубот онаму каде што заслужува. Навивачите тоа го заслужуваат. – изјави Солскјер.
„Црвените ѓаволи“ под водство на Солскјер победија на 14-ет од 19 натпревари, а најголем успех беше елиминацијата на ПСЖ во 1/8 финалето во Лигата на Шампиони.
OhridNews