Манастирот во Велјуса постои од 1080 година кога Тивериополскиот епискот Мануил подигнал црква која што и ја посветил на Богородица, поточно на нејзиното Воведение во храмот. Сепак манастирот за свој празник го има 21 септември, односно денот на Рожденството на Пресвета Богородица.
Заедно со црквата Епископот Мануил устроил и машки манастир со строг светогорски типик. Манастирот бил самостоен до 13 век, а оттогаш бил напуштен. Сепак манастирската црква посветена на воведението во храмот на пресвета Богородица Елеуса (милостива) низ вековите останала солидно зачувана до ден денешен. Монашкиот живот во манастирот заживеал повторно во 1995 година кога за струмички митрополит беше востоличен Владиката Наум. Од 1996 година манастирот Воведение на Превета Богородица Елеуса е женски манастир.
Сестринството во манастирот денес брои десет монахињи кои се грижат за црковниот имот. Манастирскиот комплекс кој се наоѓа на локација од која се гледа целата струмичка котлина, е прекрасно уреден. Сестрите во манастирот негуваат еден, денес раритетен занает на книговез при што рачно шијат и укоричуваат, како стари, така и новоотпечатени книги и друг вид изданија. Во манастирот постои и самостојна издавачка дејност, а возобновена е и старата македонска иконописна школа која освен икони изработува и фрески. Сестрите во манастирот произведуваат и потполно природни ликери по стара рецептура, во домашни услови.
Ако некогаш патот ве наведе кон Струмица топло ви препорачуваме да го посетите манастирот во Велјуса, како и соседниот на него Св. Леонтиј во Водоча кои се наоѓаат само на неколку километри од градот.