Култот на Светата Марија се негува насекаде во Македонија, а особено се негува во Охридскиот регион. Нејзиниот култ е претставен во македонската средновековна литература, во традициите и фолклорот. Историјата на уметноста има важна улога во културните достигнувања, а некои од македонските икони и фрески се вклучени во светското наследство. Затоа, славата и честа на Пресветата Дева Марија во Македонја се големи, слично или идентично како во целиот христијански свет.

Затоа, по традиција, на 27-ми август, во вечерните часови и на 28-ми август во утринските часови во манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ во селото Скребатно, Охридско се обележува овој голем христијански празници Успение или Воскресение на Пресвета Богородица.

По повод православните празнувања, верници од Охрид и Охридско, од Преспа и од цела Македонија масовно го посетуваат овој манастит и го прославуваат големиот христијански празник Успение или Воскресение на Пресвета Богородица. Се палат свеќи за здравје и за денот на заштитничката на домот и на семејството. Празникот Успение на Пресвета Богородица, меѓу народот, е познат како Голема Богородица.

Во текот на празнувањето на Успението на Богородица, која е и селска слава, во манастирот се собира голем број верници од охридскиот и од преспанскиот регион, како и од многу други места ширум Македонија. Манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ во селото Скребатно, Охридско е убав пример на македонски верски објект.

Празникот Успение на Пресвета Богородица, меѓу народот познат како Голема Богородица се слави на големиот народен собир кај црквата посветена на Света Богородица во селото Скребатно. Ова напуштено македонско село во кое денес никнат нови куќи е скриено како во гнездо во пазувите на планината Петрино, на десеттина километри од Лескоец

Патниците кои доаѓаат преку Ресен во Охрид го познаваат Лескоец дека почнува од поранешниот индустриски центар кај Косел се’ до вечните почивалишта на Охриѓани. Меѓутоа, патот од Лескоец до Скребатно е посебна приказна за посетителот. Уште од почетокот се забележуваат убави и современи македонски куќи со различна архитектура која го привлекува вниманието на посетителот. Голем број од тие домови припаѓаат на поранешни жители на Скребатно.

Црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во Скребатно

Патот за Скребатно е асфалтиран и пријатен за патување. Но, природата од двете страни на реката има посебна убавино. Насекаде зеленило и различни планински дрва. Човек се чувствува како да бил повеќе пати. На природната убавина ѝ нема крај. Исто така, по патот можат да се видат и бројни варници, што е карактеристика за овој крај под варовита Галичица.

Во селото Скребатно, во кое покрај напуштените стари и трошни куќи се градат и нови домови, и по патот со повеќе кривини и узгорништа се доаѓа до црквата Света Богородица. Овој значаен црковен споменик во Скребатно целосно е возобновена пред дваесеттина години, врз темелите на стариот храм чија старост не е точно утврдена. Скребатно, пак, по прв пат во пишан документ се спомнува уште во 1583 година. А, Македонците по потекло од селото Скребатно каде денеска нема ниту еден жител не само што ја чуваат традицијата, верата и обичаите туку претставуваат и вистински пример како треба да се сака и надградува едно свето место.

Според верувањата на христијаните Богородица била мајка на Исус Христос и сопруга на Јосиф. Марија е позната ѝ како Дева Марија, Светата Мајка, Мадона, Блажена Марија. Во православието и католицизмот таа е најпочитуваната светица, а во исламот е една од трите совршени жени.

Инаку, на 28 август во Скребатно се одржува голем народен собир кај црквата посветена на Богородица,. На ова големо народно-црковно собирање и прославување, секоја година, присуствуваат близу десет илјади гости-верници, намерници, туристи….

Пресвета Богородица како заштитничка на децата и семејството, посебно е почитувана од жените. Тоа е она што дава повод мајките како носителки на род, како заштитнички на домовите, самите мајки на еден начин да се приближат кон светоста на Богородица бидејќи таа е најпочитувана света жена во православната црква. Така, со света литургија и богослужби, во чест на Божјата Мајка се одбележува празникот Света Богородица.

Послужување на ручекот на манастирскиот имот

Во црквата и црковниот имот кој се посветеност на сите кои во минатото го напуштиле селото и се иселиле претежно во Лескоец, Охрид, други места во Македонија и во иселеништвото и се подалеку од нивното родно место, тие црковниот имот го викаат Манастир. А најголем настан во Скребатно е, секако прославата на Света Богородица на 28 август. Тоа е денот на заштитничката Света Богородица. Цела година Скребаштани се подготвуваат за тој ден, а го празнуваат цела недела.

За празникот Успение на Пресвета Богородица се приготвува и дели ручек за околу пет илјади луѓе, со што се продолжува заветот даден пред повеќе од два века. Ручекот е манџа од овчо месо, сервирана во земјени чинии и со дрвени лажици. Тогаш се служи прекрасен селски леб, печен во домашни фурни на дрва. За таа цел се колат 50-80 овци и јагниња, а манџата се готви истиот ден во големи бакарни котли. Тој ден се послужуваат околу 5.000 ручеци и тоа за само еден час, што е големо доживување да се види тоа.

Исто така, секоја година на празникот во Скребатно се одржува наддавање за светиот крст и други донаторски активности, а средствата собрани од учесниците во наддавањето се искористуваат за надградба и одржување на светиот храм и веќе познатото излетничко место. Секоја година, меѓу другите, најголеми донатори за Манасторот се иселениците, меѓу кои од Австралија, САД и други земји..

Инаку, имотот на црквата Успение на Пресвета Богородица е голем и опфаќа ливади, шума, река со мали водопади, чешма со вонредно студена вода, кујна опремена со прибор за 5.000 гости, отворени шанкови, скари, маси за ручање на повеќе места во комплексот, уредени и чисти тоалети, приклучоци за струја низ целиот комплекс, спортски терени за мал фудбал, кошарка и ракомет, рибник и реновираната црква Света Богородица. Сето тоа е на располагање на посетителите 24 часа без никаков надоместок.

Манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ во селото Скребатно, Охридско е значаен црковен центар. Затоа Скребатно е посетено од многу луѓе речиси секојдневно кога временските услови тоа го дозволуваат. Во ова убаво планинско село по повод повеќе празници се организираат забавни програми, концерти и други манифестација, каде Македонците од овој убав крај ја изразуваат нивната вера, надеж и љубов кон Македонската православна црква – Охриска архиепископија и кон Македонија.

OhridNews