Левото крило на македонската ракометна репрезентација и еден од најискусните во националниот тим Дејан Манасков оцени дека вчерашниот стартен пораз од Норвешка нема негативно да се одрази врз амбициите за пласман во следната фаза на Светското првенство.
Македонските ракометари вчера на дуелот во Краков направија дури 17 технички грешки што резултираше со висок пораз од фаворитот Норвешка (39-27) во воведниот натпревар од групата Ф.
Толку многу изгубени топки против една репрезентација како Норвешка не смее да се направат. Норвешка победи заслужено, а ние мораме да ги поправиме грешките бидејќи Холандија игра сличен ракомет, изјави Манасков, најавувајќи поинаков пристап за дуелот против Холандија, в недела од 18 часот.
Не се покажавме во најдоброто светло, но има сили во овие момчиња. Против Холандија ќе бидеме подобри. Остануваме фокусирани на целта да се пласираме во следната фаза. Верувам дека тоа е достижно без оглед на стартниот пораз, додаде Манасков.
Холандија во првиот натпревар славеше убедливо против Аргентина со 29-19.
OhridNews