Македонскиот репрезентативец Дејан Манасков беше еден од многуте ракометари кои го напуштија Металург по финансиската криза која го зафати клубот.


Манасков кариерата ја продолжи во тимот на Вецлар, кој се натпреварува Бундес лигата, која пак важи за една од најквалитетните во светот.

– Во Металург не ми остана никоја друга опција освен заминување откако пет месеци не зедовме плата. Поминав незаборавни седум години во клубот освојувајќи титули во македонскиот шампионат и купот. Четири години во низа успешно настапувавме во Лигата на шампиони и жално е што таа приказана така заврши. – рече Манасков.

Левото крило немаше поголеми проблеми околу адаптацијата во германскиот тим бидејќи добро го познава нивниот јазик.

– Мојот татко Пепи Манасков четири години беше дел од тимот на СГ Хамелн, а во тоа време јас имав две години и одев во градинка. Тогаш таму ми зборуваа германски и сега познавањето на јазикот многу ми помогна. – потенцираше крилото.

Иако екс ракометарот на Металург беше поврзуван со трансфер во Вардар сепак тој заврши во Бундес лигата.

– Засега немам планови. Сакам да одиграм добра сезона и да уживам во Бундеслигата. Не сум во врска, што ја прави оваа промена во мојот живот полесна. Ќе видиме што ќе донесе иднината. – истакна Манасков.

Репрезентативецот на Македонија имаше перфектен настап на Мундијалот во Катар и заедно со помладите ракометари треба да бидат темели на новата селекција.

– Неможам да немислам на репрезентацијата. Имаме големи шанси да се квалификуваме на Европското првенство наредната година. Треба да се пласираме на втората позиција, а за тоа ќе одлучува мечот со чесите во Скопје. – заврши Манасков во интервјуто за клубот.

Ohridnews