Доцна вечерва со натпреварите Сан Антонио – Портланд, Голден стејт – Јута и ЛА Лејкерс – Хјустон, почнува новата 62 сезона во кошаркарската НБА-лига. Според анкетите фаворит број 1 е актуелниот првак Сан Антонио кој пак традиционално сите четири титули ги освои во непарни години (1999, 2003, 2005 и 2007), а оваа сезона ќе заврши во парната 2008.
Во центарот на вниманието е најтрофејниот клуб во Лигата Бостон селтикс кој има 16 титули, но последниот шампионски прстен го освои во далечната 1986 година.
Бостон има силен состав кој ќе се потпира на ол-стар триото Кевин Гарнет-Пол Пирс-Реј Ален. Со доведувањето на Гарнет продажбата на сезонски билети за натпреварите на Селтикс да се зголеми за 60 отсто.Во минатата сезона, ниту еден меч на тимот не беше пренесуван на национална телевизија, а сега „келтите“ ќе се гледаат на целата територија на САД на секои две недели.
Конкуренцијата на “блискиот“ Исток ке им бидат Детроит, Чикаго кој до последен момент се надеваше дека ќе го купи Коби Брајант, актуелниот источен првак Кливленд, како и Мајами, но доколку Двејн Вејд биде здрав.
На “Дивиот “ Западот кој е посилен, конкуренцијата не е многу голема. Покрај Спарс, тука се уште Феникс и Далас, евентуално Хјустон.
Во последните три сезони, најкорисни играчи беа странците Стив Неш и Дирк Новицки. Овие двајца кошаркари и сега се меѓу главните фаворити за наградата МВП на сезоната. Кандидати се и Тим Данкан, Леброн Џејмс, Коби Брајант, Гарнет и Јао Минг.
Новина ќе биде и враќањето на Хорнетс во Њу Орлеанс. Во овој град ќе се одржи и ол-стар викендот од 15 до 17 февруари. Њу Орлеанс пред две години беше речиси уништен од ураганот Катрина.
На вистински тест сезонава ќе бидат ставени и судиите кои треба да докажат дека се чесни и оти случајот со Тим Донахи, кој се обложувал на натпревари што ги судел, бил изолиран.
Секој тим ќе одигра по 82 меча . Регуларната сезона завршува на 16 април.
Мирко Постоловски