Преставници на македонското, грчкото, српското, црногорското, ромското и влашкото малцинтво, во Тирана потпишаа заедничка декларација и ги известија албанските власти  и меѓународниот фактор дека ќе го бојкотираат пописот што почнува на 1-ви октомври.

Малцинствата се незадоволни што владата не прифати ниту едно нивно барање. Малцинствата не се вклучени во ниту една фаза на подготовка на пописот, немаат свои преставници во комисиите од централно до регионално ниво, немаат свои попишувачи, формуларите за попишување не се на јазикот на малцинствата, а не е направено ништо за информирање на граѓаните и на преставниците на малцинствата во врска со пописот.

Одлуката за бојкот на пописот, како што велат преставници на македонската заедница, доаѓа по напорите да се убедат албанските власти и малцинствата да бидат дел од целиот процес на пописот.

„Заклучивме дека пописот нема за цел реална евиденција на малцинствата, туку нивно вештачко намалување. Во овие услови со ваков закон за попис кој предвидува казна од 1.000 долари за сите што ќе се изјаснат за неалбанци и без наше вклучување во целиот овој процес сметаме дека нема услови за фер и демократки попис“, вели Васил Стрерјовски од Македонската алијанса за европска интеграција во изјава за „Макфакс“.

OhridNews
извор: Makfaks