Малтешкото Министерство за надворешни работи му ја прекина функцијата почесен конзул на Малта на поранешниот вицепремиер, Кочо Анѓушев, поради неговото поместување на „црната листа“ на САД, објави „Тајмс оф Малта“.
Анѓушев, беше назначен за почесен конзул на Малта во Скопје во октомври 2021 година, од страна на Владата на Малта.
Американскиот Стејт департмент во вторникот објави дека го означува Кочо Анѓушев како генерално неподобен за влез во САД, поради неговата вмешаност во значителна корупција.
Додека ја извршуваше функцијата вицепремиер, Анѓушев ја злоупотреби својата службена положба во корист на неговите приватни деловни интереси, поткопувајќи ја довербата на јавноста во Северна Македонија во нивните владини институции и јавни процеси, се наведува во соопштението објавено од Стејт департментот.
Оваа ознака, посочуваат од Стејт департментот, ја потврдува посветеноста на САД за борба против корупцијата, која му штети на јавниот интерес, го попречува економскиот просперитет на земјите и ја намалува способноста на владите ефективно да одговорат на потребите на својот народ.
„Тајмс оф Малта“ пишува и дека Анѓушев е основач и сопственик на „Фероинвест“, кој себе си се опишува како „искрен пријател“ на Малта. Портпаролот на малтешкото МНР во изјава за „Тајмс од Малта“ истакнал дека Министерството никогаш не добило никакви негативни информации за Анѓушев од неговото назначување во 2021 година.
Со оглед на ваквите случувања, Министерството го прекинува неговото назначување, што веднаш стапува во сила и внимателно ги следи најновите случувања, изјавил тој.
Анѓушев последен пат бил во Малта во април, каде што се сретнал со министерот за надворешни работи Јан Борг, кој е и новиот претседавач на ОБСЕ. Тој во Валета се сретнал со повеќе стопански субјекти и имал разговори со претставници на Агенцијата за странски инвестиции на Малта.
Поранешниот вицепремиер откако САД објави дека го ставиле на „црната листа“ во соопштение до медиумите ги негираше сите сомневања изразени од Стејт департментот и најави дека ќе ја обжали одлуката. Тој, исто така, посочи дека има фирми и во САД, и како што вели, е американски даночен обврзник.
Силно ги негирам сите сомневања изразени во документот објавен од почитуваниот Стејт Департментот и сакам да известам дека ќе ја обжалам одлуката и ќе ги искористам сите правни лекови наведени во самиот документ во правец на повлекување на оваа одлука, која ја сметам за непотребна во рамките на заложбите на нашите пријатели, САД, за борба против корупцијата, нагласи Анѓушев.
Во текот на неговиот мандат во Владата на Република Северна Македонија од 2017-2020 година, како што вели Анѓушев „работел со целосно почитување на сите закони и уставни одредби на државата и во интерес на македонската економија и на демократските принципи на кои почива нашата земја“.
OhridNews