-Во обложувалницата секој ден има се повеќе деца, земаат билтени, уплаќаат ливчиња. Најчето уплатите им се на мали суми од 50 до 100 денари. На вработените на шалтерите им велат дека уплаќаат за нивните родители, но тоа го кажуваат само како оправдание. Сметам дека оваа состојба е поизразена во обложувалниците кои се сместени надвор од централното градско подрачје, каде што нема голема раздвиженост, вели еден повозрасен охриѓанец, кој е редовен играч на спортска прогноза и најголемиот дел од своето слободно време го поминува во обложувалница.
И просветните работници кои работат во средните училишта во Охрид забележале дека во последно време децата многу често раговараат на тема-спортска прогноза.
-Не знаеме дали сигурно се обложуваат, но на големите одмори често водат разговори со обложувачко-спортски жаргон, според кој може да се претпостави дека уплаќаат ливчиња за спортска прогноза. Но ние освен тоа што може да ги посоветуваме тоа да не го прават, немаме друга надлежност, вели професор од едно средно охридско училиште.
Психолозите велат дека ваквиот вид на забава, младите ги води кон сигурна зависност од кладење и коцка.
-Интересно е тоа што родителите, најчето се свесни дека нивните деца постојано се обложуваат, но тоа не го гледаат како девијација во однесувањето на децата. Многу често тие заедно се обложуваат и заедно ги следат натпреварите. Се прашуваме зошто надлежните молчат и не превземаат мерки за да се спречи ова однесување кај младите кое најчесто доведува до зависност, велат дел охридските психолози со кои поразговаравме на оваа тема.
Од Управата за јавни приходи не успеавме да добиеме прецизни податоци дали на подрачјето на Охрид биле вршени контроли за тоа дали обложувалниците дозволуваат обложување на малолетни лица.
Инаку според Законот за игри на среќа, лица помлади од 18 години не можат да учествуваат во игрите на среќа и приредувачот на играта на среќа е должен да го оневозможи нивното учество. За лицата помлади од 18 години не е дозволен влез во казина, во простори каде што се приредува томбола од затворен тип, во обложувалници и во автомат клубови. Приредувачот на игри на среќа има право да врши увид во документацијата со која се докажува дека лицето не е малолетно.
-Глоба во износ од 1.000 евра во денарска противредност ќе му се изрече на одговорното лице во правното лице, приредувач на игри на среќа ако овозможува учество на игри на среќа на лице помладо од 18 години и овозможува влез во казина, во простори каде што се приредува томбола до затворен тип, во обложувалници и автомат клубови на лица помлади од 18 години, стои во член 158, став 2 од Законот за игри на среќа.
Според член 150 од истиот закон, надзорот во спроведувањето на законските одредби за игри на среќа треба да го врши Управата за јавни приходи, а инспекцискиот надзор треба го вршат службени лица на управата.
Од СВР Охрид информираат дека мерки кон малолетни лица се превземаат постојано и истите се поврзуваат со престојот на малолетни лица во угостителски и други објекти по 24 часот и за забрана за точење на алкохол. Овие мерки СВР Охрид ги спроведува во содејство со инспекциските служби кои бараат нивно делување на терен.