Од Локалната самоуправа велат дека најголемиот дел од раководните позиции кои ги држат жените, се од сферата на образованието, односно жени раководат со вкупно шест основни училишта од подрачјето на Општина Охрид. Директори- жени има и во Основното музичко училиште и во Детската градинка. Од секторите и одделенијата во рамки на општината, раководител жена има само во Одделението за даноци и Одделението за поддршка на органите на локаланата самоуправа, а со сите останати општински сектори, одделенија и јавни претпријатија, раководат преставници од посилниот пол.
Од останатите јавни институции, кои се надвор од надлежност на општината, директор жена има во Домот на култура, Охридскиот Завод и музеј и Подрачната единица на Агенцијата за подршка на земјоделството. Додека пак сите здравствените институции, Подрачните единици на Фондот за пензиско и Фондот за здравствено осигурување, Центарот за социјални работи, Агенцијата за вработување, и сите државни јавни претпријатија во Охрид ги раководат мажи. Мажи раководат и со СВР Охрид и со Охридскиот Основниот суд.
Исто така мажите ги има речиси три пати повеќе и во рамки на Советот на Општина Охрид каде што од вкупно 22 советнички места, на жените им припаѓаат само шест од нив.
Значи фактичката состојба говори дека во Охрид, во делот на родовата еднаквост се уште доминираат традиционалните и стереотипни улоги за мажите и жените и нееднаквите односи на моќ. Не постои значителен напредок во поголемата застапеност на жените на раководни и видни позиции, според она што е запишано во законите и она што значи нивна имплементација.
До сега имало неколу обиди за третирање на прашањето за Родова рамноправност на локално ниво, но само во вид на годишни програми, кои општината мора да ги донесе поради законска обврска. Но нивната содржина нема ништо друго, освен планови за предавања и трибини посветени на оваа тема, без третирање на конкретни проблеми и без соодветни активности, со кои би можело да се промени нешто на ова поле. Ваква е и содржината на Програмата за родова рамноправност на Општина Охрид за 2010 година, која што советниците ја усвоија на последна седница.
Родовата еднаквост е составен дел од човековите права и фундаментален критериум за демократија, тоа значи подеднаква видливот, еманципирање, одговорност и учество и на жените и на мажите во сите сфери најавниот и приватниот живот. Принципот на еднаков третман на мажите и жените е еден од фундаменталните принципи на ЕУ, а е надоградуван и унапредуван низ долгогодишното искуство на Европскиот суд на правдата. Македонија како земја со кандидатски статус во процесот на пристапување кон ЕУ, треба да го усогласи националното законодавство и во делот на родовата еднаквост како на централно така и на локално ново.