Храброста не секогаш се совпаѓа со физичката големина на човекот. Пример за тоа е дванаесетгодишниот Марко Пејчиноски од Охрид. Toј има инфаркт на коска на долните екстремитети, но тоа не го спречува да го оствари својот голем сон, да го преплива Охридското Езеро. Подвигот ќе го прави на 28 август, бидејќи овој број кој случајно се совпаѓа со празникот Голема Богородица, му e среќен број. Најмладиот пливач кој се решил на ваков подвиг, вели дека не размислува воопшто за проблемот со ногата и ништо не може да го спречи да ја оствари целта.
– Се започна во 2016 година во септември. Требаше да правам тогаш операција на тестиси, кога помина тоа почнаа проблеми со ногата, добив инфаркт на колкот. И оттогаш до ден денес не смеам многу да трчам, но тоа не ме спречува во намерата да го препливам езерото. – вели во разговор за OhridNews храбриот Марко Пејчиноски.
Марко Пејчиноски
Марко од рана возраст активно се занимава со пливање. Редовен учесник е на малиот охридски пливачки маратон од 2,5 километри, на кој секогаш го следи семејството кое му дава максимална поддршка.
-Како пратител со кајче учествувам на секој маратон. Знам колку е тешко да седиш само во кајчето, а камоли да го препливаш цело езеро. Самиот тој има голема самодоверба, има огромна поддршка од сите нас и мислам дека е подготвен да го направи тоа. – вели Андреј Пејчиноски, брат на Марко.
За подвигот Марко интензивно се подготвува речиси една година во затворениот базан на хотелот ”Тино” во Св. Стефан, а по завршувањето на училишните обврски секојдневно тренира во Охридското Езеро и отворениот градски базен. За намерата дури неодамна ги запознал блиските и пријателите, кои не го криеле изненадувањето.
-Кога им кажав не веруваа. Некои мислат дека ќе испливам, некои велат дека е тешко и нема да успеам, а јас 100% сум сигурен дека ќе го препливам Охридското Езеро. – одлучно истакна Марко.
Деновиве Марко ги изврши потребните лекарски прегледи за подвигот кој следи. Во текот на пливањето тој ќе биде пратен од медицинска екипа и логистички тим на Црвениот крст. Предвидено е тој да стартува утрото на празникот Голема Богородица во 9 часот од Св. Наум, а доколку временските услови бидат поволни, се очекува должината од близу 30 километри до Охрид да ја преплива за околу 9 часа.
Марко силно верува во себе и сопствените можности без оглед на здравствениот проблем кој не го спречува да се занимава со својата голема љубов – пливањето, а на другите им порачува секогаш да го следат својот сон.
-Им порачувам на сите никогаш да не се откажуваат од ништо. Каков и проблем да имате да не се откажувате! – порачува Марко.
Подвигот на Марко Пејчиноски медиумски ќе го следи OhridNews, а јавноста ќе биде информирана преку стории, фото и видео вести кои ќе бидат објавени на нашиот портал и социјалните мрежи.
Горан Момироски
Фото: А. Момироска