На 02 Јуни со почеток во 11 часот на градскиот плоштад ќе биде организиран мини турнир во мал фудбал, на кој главен голман ќе биде Јане Велковски, малиот – голем херој од Скопје, лице на УЕФА ФЕР ПЛЕЈ од Македонија.

– Нашето десетгодишно другарче има две големи желби: да прооди и да игра фудбал. Овој пат одлучивме да играме вистински маалски фудбал, на импровизирано игралиште поставено на самиот плоштад. Тимот на Јане ќе игра против Охрид ТОП ТИМ и против тимовите на основните училишта од Охрид. – изјави Проф. Д-р Зоран Тунтев, иницијатор на идејата.

Најмладите охриѓани веднаш ја прифатија идејата да играат фудбал „на мали голчиња“ и во чест на Јане да изведат неколку музички точки. Хорско пеење, оркестар на флејти, три хармоники и соло пеење ќе изведат деца од основните училишта Св. Климент Охридски, Братство и Единство, Григор Прличев, Христо Узунов и Ванчо Николески, како и ученици на основното музичко училиште Методи Патче. Со други зборови, во Сабота повторно ќе се дружиме со Јане и одлично ќе се забавуваме.

Организаторите на настанот, членовите на Лајонс клубот Лихнидос, изразуваат голема благодарност до Општина Охрид за отстапување на плоштадот во Сабота, 02 Јуни. Почетокот е закажан во 11:00 часот.

OhridNews