Малезискиот авион на летот MH370 најверојатно бил киднапиран, бидејќи се верува дека комукикациските системи биле намерно исклучени, како и дека движењето на воздухопловот било намерно пренасочувано, пренесува „Макфакс“.Премиерот на Малезија, Наџиб Разак, во саботата информираше дека истрагата укажува на тоа дека врз движењето на авионот влијаел некој од внатре, поради што истражните органи сега ќе бидат фокусирани на патниците и на пилотите.

Потрагата по авионот насочена е кон два нови коридора, Казахстан-Туркменистан и Индонезија-јужна Индија, а откриено е дека сигналите за летот стигнале седум часа подоцна од што претходно се мислеше.

Постојат сомневања дека авионот скршнал од патот кон Пекинг и дека летал уште седум часа.

Мистеријата околу исчезнувањето на „боингот 777 на компанијата Малезија ерлајнз“ влезе во втора недела, а откако AP во текот на ноќта објави изјава на неименуван истражиел дека „постојат уверливи докази дека стануба збор за киднапирање“, на јавноста по прв пат и се објави премиерот на Малезија.

„Истрагата сега влегува во втора фаза. Новите докази, кои се базираат на сателитски и радарски податоци, укажуваат на намерно делување на некого во авионот“, рече Разак.

Сепак, тој ја отфрли оценката дека дефинитивно е утврдено дека во прашање е киднапирање и истакна дека и натаму се испитуваат сите можности.

Разак наведе дека комуникацијата била намерно исклучена на преминот од малезискиот на виетнамскиот воздушен простор, како и дека последните податоци укажуваат дека MH370 тргнал назад, пред да скршне на запад, по што го напуштил просторот кој го покрива воениот радар.

„Форензичарите на повеќе држави и стручни органи туку што ги обработија податоците прибрани преку сателитите и востановено е дека MH370 последен пат бил воочен во еден од два коридори. Првиот е северниот, кој се простира од границата на Казахстан и Туркменистан до северен Тајланд, а вториот е јужен, кој се простира од Индонезија до јужниот дел на Индискиот океан. Поради тоа, ги прекинавме операциите во Јужното кинеско море“, рече Разак.

Тој им порача на семејствата на исчезнатите дека се надева оти овие сознанија ќе претставуваат нов чекор кон пронаоѓање на авионот.

Во потрага по летот MH370, на кој беа 239 лица, учествуваат 14 држави, 43 бродови, 58 летала и повеќе стотина луѓе.

OhridNews
извор:„Макфакс“