Во врска со случајот на починатата жена од струшко која и покрај издаден упат од матичниот лекар и влошена состојба не беше примена во Инфективното одделение при охридската Општа болница денес со соопштение до јавност асе обрати и директорката на болницата, Прим. М-р Славица Малеска Стојадиновиќ.
Во соопштението, Малеска Стојадиновиќ наведува дека раководниот тим на болницата, од денот на донесувањето на мерките и препораките од владата за спречување на ширење на коронавирусот, има одржано повеќе состаноци со комисијата за интрахоспитални инфекции во состав од епидемиолог и доктор специјалист инфектолог. При тоа, вели Стојадиновиќ, донесени се повеќе заклучоци и изготвени се протоколи за постапување на сите оддели и одделенија во рамки на болницата.
- Сите раководители се задолжени да обезбедат соба за изолација и сместување на лица за кои постои сомнеж дека се заразени со коронавирус. Инфективното одделение како одделение кое згрижува пациенти со инфективна патологија доби протокол за постапување со лица заболени со коронавирус, а од страна на министерството за здравство беше обезбедена неопходната опрема за лична заштита на персоналот што одговара на работните задачи што се извршуваат во дадениот момент. Од моја страна како директор, покрај спроведените горенаведени мерки, е изготвена и писмена наредба во која на раководителот и вработените на Инфективното одделение им се наредува непрекинато да укажуваат здравствена заштита на сите лица кои ќе се обратат за лекарска помош, вели Малеска Стојадиновиќ.
Потенцира дека во врска со наводите за непостапување, односно не пружање здравствена заштита од страна на специјалистите на инфективното одделение, раководниот тим на болницата, најостро го осудува секое непостапување согласно законот за здравствена заштита.
OhridNews