МЈП „Проаква“ најави дека денеска ќе ја продолжи акцијата за исклучување на неплаќачите на вода. На списокот за исклучување се Здравствениот дом и Општата болница, соопшти јавното претпријатие. Иизвршителите од „Проаква“ како што информираше Ohridnews, вчера од водоснабдителниот систем ги исклучија подружницата на Македонија пат, Центарот за култура „Григор Прличев“ и Студентскиот дом. Од исклучување куртули Капетанијата каде исто така се упатиле екипи на „Проаква“. Откако им биле презентирани сметките за платена вода извршителите се откажале од намерата.
Ќе остане ли општата болница без вода?
На ваков чекот МЈП „Проаква“ се реши во обид да наплати околу 19 милиони денари колку што за вода должат државните институции и министерства. Овие средства треба да бидат наменети за отплата на долгот од над 61 милион денари кон ЕВН , која се закани дека доколку „Проаква“ не си ги подмири обврските, ќе биде исклучена од електро системот. Тоа според најавите требаше да се случи вчера, но по интензините преговори што во Скопје ги имаше раководството на „Проаква“ и општината со претставници на ЕВН, рокот за отплата на долговите на јавното претпријатие е пролонгиран.
На „Проаква“ и е оставен уште еден ден да го подмири долгот и доколку тоа не се случи денеска , јавното претпријатие ќе биде исклучено од електро системот, велат од ЕВН. Австриската компанија најави дека не прифаќа никаква компензација и очекува „Проаква“ да го плати целиот износ од долгот.
Г. Момироски